Дури и насон ја гледам играта, но имам некое чудно чувство дека сум се вкочанил, дека сум потонал во жива кал од која тешко се извлекувам…
„Коцкар“ е еден од најуспешните психолошки портрети во светската книжевност. Длабок роман за мрачните човечки страсти претставени во ликот на Алексеј Иванович, млад учител во семејството на стар руски генерал. Обидувајќи се да се пробие во воспоставениот поредок, тој пропаѓа во бескрајната надолна спирала на обложување и загуба. Ниту тивкиот глас на разумот ниту врската со заводливата внука на генералот не можат да ја совладаат неговата жестока зависност.
„Коцкар“ има исклучително место во творештвото на Достоевски. Иако идејата за него наводно созревала цели три години, ја издиктирал речиси во еден здив, за само 27 дена. Тоа е приказна за пеколот на казината, кој самиот писател длабоко го доживеал, за демоните што го обземаат човекот, за слепилото од зависноста од коцкање.
Еден од најдобрите романи во светската класика, кој никогаш не изгубил од својата актуелност.