Навистина, не е мудар оној што не ја познава темнината.

Растргнатоста на духот на човекот, кој во реалноста е степски волк, див и чуден, ги одразува феномените и струите на современото општество што се критички настроени кон културата на 20 век. Со спојот меѓу источниот мистицизам и западното општество, најпознатото дело на Хесе е едно од најпоетските книжевни евокации на патувањето на душата до конечното ослободување.

Оваа фаустовска приказна го следи патот на Хари Халер, кој во состојба на целосно отуѓување од буржоаскиот свет, страда од длабок внатрешен конфликт. Во голем дел автобиографски, Степскиот Волк поседува длабока мудрост што ги воодушевува читателите дури и цел век по објавувањето. Преводот на Емилија Томовска-Бојковска, закитен со наградата „Божидар Настев“, ни го доближува овој фасцинантен роман за болестите и за осаменоста на човечката душа.

И самиот Херман Хесе минал низ многу лични кризи и преобразби, што се одразуваат во неговите дела, за кои ја добил Нобеловата награда за литература. Човекот е обид и премин, тој не е ништо друго освен тесен, опасен мост меѓу природата и духот. Овој интимен приказ на човекот кој се чувствува себеси како получовек-полуволк, го доловува расположението на една цела незадоволна генерација растргната меѓу минатото, сегашноста и иднината.