Монографската публикација на Киро Козаров „Русалии“ е прва книга во Република Македонија, посветена на автентичната русалиска традиција присутна во историјата во југоисточна Македонија, а денес зачувана само како фолклорна традиција.

Козаров во овој истражувачки труд се осврнува на потеклото наРусалиите, функционирањето на русалиската дружина, нејзината мисија, русалиските борби, ритуали, игри, верувања, обреди и ‘закони’, нејзините етнолошки карактеристики, облеката и на остатоците од русалиските традиции денес и нивното негување. На крајот на трудот се објавени и компетентни мислења на научни работници и уметници за русалиството: акад. Митко Маџунков, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, проф. д-р Катерина Петровска Кузманова, Никола Маџиров (кои се рецензенти на трудот) и др. Книгата, која е резултат на повеќегодишна истражувачка работа на авторот, е збогатена и со фотографии, од кои голем дел првпат се јавно публикувани.