Тони не забележува оти неговата жена веќе некое време не се насмевнува. Зоја решава да ја истури од себе тајната што со години ја робела расклокотена во дамарите. Сенката на Мерима повеќе не се исцртува на џамот од куќата на крајот на патот. Живко не е тука да ја пречека својата сопруга кога таа, после многу години, се враќа дома. Силјан ја угаснува сјајната лика на наѕвездената синевина. Солза расте без да има кој да ѝ го избрише името што си го рони врз образите. Гала e осудена да плаќа за туѓа грешка, за туѓа неправда. Злата ја расплетува својата стварност од конците што преостанале од нејзините разресени соништа. Тие се дел од причините што ликовите коишто дишат меѓу овие корици чекорат по патиштата на своите животи нарамени со торби полни неостварени желби.

Ова се приказни за непредвидливоста на иднината, за загубените надежи и за несопирливата борба со сеништата на стварноста.
Ова се раскажувања за истрајната потрага по одвеаната среќа.
Ова се страници врз чии образи се распостилаат оние места со високи треви и жолти неба, оние ливади каде што вечно трчаат ловците на светулки.