Исчезнување без трага е мистерија само по себе. Но што ако исчезнатото лице оставило нешто зад себе што ја прави мистеријата уште поголема?
Кога Катарина Хауген исчезнала пред дваесет и четири години, случајот не бил решен. Оттогаш, секоја година на денот на нејзиното исчезнување, главниот инспектор Вилијам Вистинг ги разгледува документите од старата истрага и оди на гости кај сопругот на Катарина, Мартин Хауген, кој дента на исчезнувањето имал цврсто алиби. Нивниот редовен контакт прераснал во пријателство.
Но овој пат Вистинг ја наоѓа куќата заклучена. На годишнината од исчезнувањето на неговата сопруга, Мартин Хауген и самиот исчезнува без трага.
Истиот ден во полициската станица пристигнува младиот истражител Адријан Стилер, кој работи на стари, нерешени случаи. Тој верува дека исчезнувањето на Катарина е поврзано со друга, уште постара мистерија. Принудени да соработуваат, Вистинг и Стилер мора да најдат заеднички јазик и да ги следат и најнезначајните траги за да го решат овој сложен случај.
Морничав трилер за тајните, довербата и непоколебливата потрага по вистината.
