Секој има своја приказна. Секој има свој пат, со свои предизвици, со угорнини и падови. И мојата е таква, не е права монотона линија. Во животот поминав многу предизвици. Ако ми кажеш дека нешто те боли, те разбирам, ме болеше и мене, многу. Ако ми кажеш дека те отфрлија, те разбирам и знам како ти било. Ако ми кажеш дека те повредија, те навредија, пак ќе те разберам и тоа им го дозволив. Ако ми кажеш дека некого изгуби, знам како ти е и јас изгубив. Знам што е болка, знам што е тага, знам што е отфрленост. Но, знам и што е храброст, упорност и борба за подобро јас, од тоа што бев вчера. Никогаш не се откажав се борев на начин на којшто знаев. И секогаш, во сè давав 100 %.“
„Инспирирај се за промени“ е охрабрувачко четиво за сите што се соочуваат со навидум несовладливите предизвици на современото живеење. Изданието на магичен и уникатен начин го отвора патот на читателот, носи светлина во животот и инспирира за промени. Наменето е за сите што се чувствуваат како да се „заглавени“ во некој тунел, но и за оние што се надвор од тунелот, а едноставно сакаат подобро утре. Оваа книга им помогна на многумина на својот пат на лична трансформација, книга што ќе ја пополни празнината што можеби ја чувствувате и ќе го надополни делот што на многумина им недостига за да бидат комплетни и свои.