Стихозбирката „Дениција“ или циклусот песни за Дениција по многу нешта е различен и специфичен.
Основниот мотив е љубовта кон жената — Дениција (име кое асоцира на ѕвездата Деница, на светлина, плодност, убавина), но и љубовта во други облици, а особено кон татковината. Освен тоа, во песните се измешани и фолклорни и митски мотиви. Начинот на искажувањето на љубовта е посебен, избегнати се сите стереотипи, сите клишеа, стиховите се слободни (бели) подредени во стофи или без строфи.

Читајќи ги песните се воодушевуваме од чистата и голема љубов кон Дениција, за која поетот е подготвен да даде се за да опстане. Преточувајќи ја таа љубов во родољубиво чувство, на моменти не сме сигурни што е Дениција: жена или татковина.