Што се случува кога поради љубов и неправда ќе оживеат два споменика на скопскиот плоштад, оној на Александар и оној на Гоце Делчев, па ќе тргнат да видат како денес изгледа светот? Што се случува кога Александар решава (со Гоце) да тргне на поход на Запад, наместо на Исток, зашто на Истокот веќе бил, а за Западот само слушал дека е подобар и од неговото некогашно царство? Што се случува додека врват низ Србија, Хрватска, Словенија, а завршуваат во Хаг – како злосторници?

Се случуваат фасцинантна фарса, ведра гротеска, хумор до солзи, неочекувани пресврти, апсурди кои засмејуваат, бесмислици кои растажуваат… Со овој „нов жанр“, кој самиот автор пародиски го именува како „чекајќи роман“, Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени…